Тел: +389 2 3061543 | Факс: +389 2 3067 609 | Следете нѐ на:

a

Започна реализацијата на проектот “Европа тука – Европа таму”

Започна реализацијата на проектот “Европа тука – Европа таму”

Picture

Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, во рамките на децентрализираната соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија, во текот на оваа недела ќе ја започне реализацијата на тригодишниот проект “Помирувањето и визијата за заедничката иднина на Балканот и Европа. Европа овде – Европа таму (1914-2014)”. Проектот, кој ќе се одвива во периодот од 2014 до 2017, е инициран и координиран од страна на Константин Плевнеш и Илина Мангова.
Проектот се занимава со колективното сеќавање и помирување преку аудиовизуелните уметности, во европски и балкански контекст и ќе се одвива во духот на мислата на големиот француски писател Жак Лакариер (1925-2005) “Илјадници вчера, но само едно утре / Mille hiers mais un seul demain”.
Во 2014 проектот ќе се реализира во две етапи, првата (оваа недела) во Македонија, а втората (во текот на ноември 2014) во Долна Нормандија. Покрај Универзитет за аудиовизуелни уметности, партнери во реализацијата на проектот се Кинотека на Македонија, Општина Охрид, Македонскиот центар за фотографија, Градот Каен, Maison de l’Image Basse-Normandie, Musee de Normandie и Association CAEN CALVADOS ROUMANIE.
Во 1914 година Балканот е наречен “гробница на европската младост”. Денес 100 години подоцна низ преплетувањето на искуствата, колективното сеќавање и помирувањето, кои биле основата на пример за француско-германското помирување, ќе бидат актуелизирани различни форми на креации, како патоказ на балканската реалност која сеуште е во знакот на траумите од блиското минато и тензиите кои сеуште владеат во регионот.
Во периодот од 16 до 23 jуни 2014, 4 синеасти/фотографи предводени од Г-динот Guillaume DESLANDES престојуваат во Македонија. Нив како дел од заедничкиот тим ќе им се придружи и група од 4 фотографи/синеасти од Македонија, предводени од професорот по фотографија на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, Роберт Јанкулоски. Заедно ќе ги посетат местата на меморијата на Првата Светска Војна (Скопје, Кајмакчалан, Битола, Охрид и Преспа), каде што ќе се фотографираат обележјата од Првата Светска Војна. Паралелно со ова ќе се одвиваат и истражувачки активности во архивите на градовите Битола, Охрид, како и во Кинотеката на Македонија и Македонскиот Центар за Фотографија.
По завршувањето на делот во Македонија, во координација помеѓу професорите DESLANDES и Јанкулоски, ќе се пристапи кон подготовката на организација на втората фаза во која Македонската екипа ќе престојува во Нормандија од 10 до 17 Ноември 2014. Исто како во Македонија, и во Долна Нормандија, заедничкиот тим ќе ги следи и документира трагите од Првата Светска војна.
Како резултат на сето ова ќе се реализира со која ќе се презентираат трудовите сработени во Македонија и во Нормандија.
Крајните резултати во вид на фотографска изложба ќе бидат презентирани пред поширока јавност најпрво во Кинотеката на Македонија, Maison de l’Image Basse-Normandie и Musee de Normandie. Покрај овa проектот ќе биде презентиран не само во останатите градови во Македонија и Нормандија, туку и во повеќе европски земји.
Со овој проект евоцирајќи ги спомените на ужасите од Првата светска војна,  очекуваме да ги отвориме прашањата за бесмисленоста на војните и во исто време да и покажеме на јавноста дека младите луѓе во Европа, 100 години подоцна можат да комуницираат преку уметноста и своите размислувања, ставови, па дури и конфликти, преку уметноста можат да ги искажат на еден поинаков начин.
Република Македонија соработува со регионот Долна Нормандија од 2006 година. Институционален партнер во Македонија е Министерството за локална самоуправа. Програмата за соработка е поддржана од Министерството за надворешни работи на Франција. Координиран е од страна на Асоцијација на агенции за локална демократија (АЛДА) – www.bn-mk.org.