Тел: +389 2 3061543 | Факс: +389 2 3067 609 | Следете нѐ на:

a

Еуропа Прима

ПРОМОВИРАНО ЕКСКЛУЗИВНОТО ИЗДАНИЕ НА ДРАМИТЕ ОД ПЛЕВНЕШ ВО БЕЛГРАД

На 17-ти ноември во Музејот на театарска уметност во Белград, беше промовирано ексклузивното издание на српски јазик на изборот драми од македонскиот писател  со светско реноме Јордан Плевнеш со наслов „Среќата е нова идеа во Европа“. Во изборот се застапени шест драми:Вечната куќа,. Р, Македонски состојби, ЈУ антитеза, Еригон и Среќата е нова идеа во Европа. Драмите се во превод на академик Ристо Василевски, а со предговор со наслов „Плеј Плевнеш“ на култниот српски театарски и филмски режисер Бора Драшковиќ кој го става делото на Плевнеш во светски рамки нарекувајќи го „Macedonian global observer“.
Изданието е збогатено со извадоци од критики за делото на Плевнеш од светскиот печат и  од најзначајните имиња на српската театарска критика кои пишувале за неговите драми како што се Владимир Стаменковиќ, Јован Ќирилов, Драган Клаиќ, Јован Христиќ, Мирјана Миочиновиќ и други.
За драмскиот опус на Јордан Плевнеш говореа Бора Драшковиќ, Радомир Путник, Мето Јовановски и Ристо Василевски, а извадоци од објавените драми читаа актерите Јадранка Наниќ Јовановиќ и Милан Цаци Михаиловиќ.
Симболично ова издание го означува 35 годишното присуство на драмите на Плевнеш на театарските сцени во Србија кои се здобиле со  повеќе Стериини награди на престижниот театарски фестивал во Нови Сад.
Инаку, минатата година за  романот „Осмото светско чудо“ Јордан Плевнеш беше награден на Меѓународниот саем на книгата во Белград.

Фото: Лазар Секулиќ и Тијана Маниќ – Академија на уметностите Нова – Белград