Тел: +389 2 3061543 | Факс: +389 2 3067 609 | Следете нѐ на:

a

Еуропа Прима

SEE a Paris 2014

Picture

Фестивалот SEE a Paris, преку филмот по четврти пат ќе ги обедини земјите на Југо-Источна Европа
Фестивалот на кинематографиите од Југо-Источна Европа во Париз по четврти пат ќе се одржи во периодот помеѓу 27 и 30 Април 2014.
Свеченото отворање ќе се случи во една од најпрестижните париски сали, Театарот Ле Палас (www.theatrelepalace.fr), а веќе од наредниот ден, исто како и минатите три години програмата ќе продолжи во културниот центар L’Entrepôt и во Институтот за ориентални јазици и цивилизации INALCO (www.inalco.fr), каде што ќе биде организирана проекција на документарни филмови и академска дебата по повод 100 годишнината од Првата светска војна.
Како организатор на фестивалот се јавуваат асоцијацијата SEE a Paris, во соработка со Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, под патронажа на УНЕСКО, со поддршка на Министерството за култура на Црна Гора, Алкалоид, Градот Битола и во партнерство со Монтенегро Филм Фестивал и повеќе европски и регионални институции.
Во рамките на свеченото отворање посебен омаж ќе му биде даден на големиот црногорски режисер Живко Николиќ. Фестивалот ќе биде отворен со филмот на Горан Марковиќ “Фалсификатор” во знакот на актерот Емир Хаџихафисбеговиќ, кој е добитник на почесната актерска награда за животно остварување “SEE Actor”. Покрај него во рамките на церемонијата на свеченото отворање, ќе биде доделена и наградата “SEE Perosnality”, која традиционално се доделува на личности од јавниот и општествениот живот, кои со својата работа го обединуваат просторот на Југо-Источна Европа, а истата ќе му биде доделена на Г-динот Живко Мукаетов, за достигнувањата на компанијата Алкалоид на глобалниот пазар.
Покрај филмската програма, во рамките на фестивалот SEE a Paris ќе се организира традиционалниот книжевен настан “SEE a Paris – Paris a SEE”, на кој се презентираат изданија на преводи од француски автори во земјите од Југо-Источна Европа, како и изданија на преводи од автори од SEE земјите во Франција. Фестивалот ќе заврши со концерт на големиот турски музичар Кудси Ерѓунер.
Жирито предводено од легендарниот француски синеаст и Почесен Претседател на фестивалот, Ив Буасе, заедно со членовите Саша Голдман – продуцент, Хазис Вардар – директор и сопственик на Театарот Палас, Ема Галабру – актерка и Зоран Живковиќ – директор на Монтенегро филм фестивал, ќе одлучува за наградите кои ќе им бидат доделени на најдобрите филмови во повеќе категории.
Оваа година во програмата ќе се најдат и неколку македонски филма. Еден од фаворитите на селекционата комисија беше долгометражниот документарен филм на Марија Џиџева “Барајќи си ја среќата”, а покрај него ќе бидат прикажани и документарниот филм на Сузана Диневски “Трагачи по звукот”, кратките играни филмови “Убаво време за умирање” на Сенад Абдули, “Мал дисконтинуитет во времепросторот” на Гоце Цветановски, “Loverinth” на Бранко Костески и Ана Јакимовска, како и анимираниот филм на Жарко Иванов “Кружно патување на сенката”.
Повеќе детали околу програмата на фестивалот може да се најдат и на официјалната веб страна www.seeaparis.com.