Тел: +389 2 3061543 | Факс: +389 2 3067 609 | Следете нѐ на:

a

Роберт Вељановски

Роберт Вељановски

Редовен професор

„Јас во лагата сум добар од мали нозе.“ – Сер Лоренс Оливие

email: rveljanovski@gmail.com

Редовен професор на факултетот за театарски уметности

Предмети: Актерска игра, Сценски говор со техника на глас

Ред. проф. м-р Роберт Вељановски е роден на 5 февруари 1968 година во Скопје. Основно и средно училиште завршил во Скопје. Во 1991 година се запишал на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Факултет за драмски уметности во Скопје, отсек Актерска игра во класата на редовен професор Љубиша Георгиевски, каде што дипломирал во 1995 год. Магистрирал во 2010 година на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на тема „Структура на театарскиот говор“, под менторство на проф. д-р. Јелена Лужина и се стекнал со научен степен Магистер по театролошки науки.

На сцените на македонските театри Вељановски дебитирал во 1993 год, како студент на II година по Актерска игра, со улогата на Флерант, во претставата „Вообразен болен“, од Жан-Баптист де Поклен Молиер, во режија на Љубиша Георгиевски, а во продукција на ДТ Скопје. Полни 25 години (од 1997) м-р Вељановски е член на ансамблот на НУ Драмски театар Скопје. Во неговата богата професионална актерска кариера, одиграл повеќе од 85 театарски и 4 филмски улоги. Како актер учествувал во реализацијата на 14 радиски и телевизиски продукции, како и во десетина перформанси и повеќе од 50 рекламни спотови. М-р Вељановски, 11 години бил и актер-презентер, заштитно лице на најпрестижниот светски поетски фестивал, Струшките вечери на поезијата (2008 – 2018).Со успех режирал една театарската претстава: „Интермецо“, Сашо Тасевски, 2009 година, ДТ Скопје. Од 1997 година, Роберт Вељановски е во редовен работен однос, драмски актер, во Драмскиот театар во Скопје. Од 1997 година до 1999 година ангажиран е како координатор и предавач на проектот „Театарска работилница за деца“ на Прва детска амбасада „Меѓаши“ од Скопје. Во 1998 и 1999 работи на проектот „Македонска театарска дата база“ на Институт за театрологија при Факултет за драмски уметности од Скопје како помлад истражувач. Во 2000 година е ангажиран како предавач по изборниот предмет „Театар и филм“ во Средното експериментално училиште Пекснас од Скопје. Во 2001 година е ангажиран како координатор и предавач на проектот „Форум драма театар“ финансиран од ФАРЕ програмата на Европска Унија. Во 2004 година е ангажиран како предавач на проектот „Тренинг за ТВ – новинари во организација на „Центар за демократски развој“ од Скопје. Од 2008 година работи на Универзитет за аудиовизуелни уметности (ESRA), Факултет за театарски уметности, како предавач  по предметот Актерска игра. Во 2010 година, по успешно завршените магистерски студии, наставно-научниот совет на Факултет за театарски уметности при Универзитет за аудиовизуелни уметности (ESRA), го избира за наставник со звање Доцент, за група предмети по Актерска игра. Во 2015 избран е во звањето Вонреден професор, а во 2020 во звање Редовен професор.

Од март 2013 година, до јули 2017 година, м-р Вељановски бил именуван за директор на НУ Драмски театар Скопје, каде што како директор успешно продуцирал повеќе од 30 престави.

Од 2015 до 2017 година, бил главен и одговорен уредник на списанието „Театарски гласник“, единствено списание во Републиката кое се занимава исклучиво со театарската уметност.

Образование

УКИМ – ФДУ

Дипломиран актер 1995 година

УКИМ – ФДУ

Магистер по тетаролошки науки 2010 година

Значајни проекти

„Филоктет“, Љубиша Георгиевски, ДТС, 1998 година– Неоптолем

„Лазаревото писмо“, Живко Чинго, р. Љубиша Георгиевски , 1995, НТ Куманово, Натемаго

Актер-водител на СВП (2008 – 2018)