Тел: +389 2 3061543 | Факс: +389 2 3067 609 | Следете нѐ на:

a

Јордан Плевнеш

Јордан Плевнеш

Редовен професор

Редовен професор и Претседател на Универзитетот

Јордан Плевнеш e поет, драматург и романсиер. Роден е на 29 октомври 1953 г. во с. Слоештица, Демирхисарско. Основно училиште заврши во Демирхисарско, средно во Битола, а факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и магистрира на Филолошкиот факултет, на тема „Македонската народна драма“. Карактеристично за него е да се каже и тоа дека во текот на 1973 и 1974 г. работеше како метач на гробиштата „Пер Лашез“ во Париз и со еден патувачки театар на илузионисти ја пропатува Европа, што несомнено говори за неговиот нескротлив дух. Од 1975 г. беше уредник на културната рубрика во „Студентски збор“. Од 1980 до 1985 г. беше уредник во Издавачката куќа „Мисла“. Исто така значајно е да се истакне дека од 1985-1988 г. работеше и како асистент на Институтот за литература при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а член е на ДПМ од 1982 г., како и на Македонскиот ПЕН центар. Предава креативно пишување на повеќе европски и американски универзитети, како на пример: Институтот за ориентални јазици и цивилизации во Париз, Универзитетот Оресе во Париз, Универзитетот на Тексас во Далас, Универзитетот Јеил. Од декември 2000 г. па сè до 2005 г. беше амбасадор на Р. Македонија во Франција, Шпанија, Португалија и при УНЕСКО. Од 2005 г. е потпретседател на Интернационалната асоцијација на УНЕСКО од Париз, Р. Франција, за дијалог меѓу цивилизациите, а од октомври 2008 г. е ректор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности при ESRA – Европската филмска академија Скопје-Париз-Њујорк. Во однос на неговото творештво карактеристично е тоа што неговите дела се објавувани во педесетина земји во светот, преведувани на повеќе од петнаесетина јазици, а неговите драми изведувани во над триесетина земји во светот. Тој пишува на македонски и француски јазик, а преведува од српскохрватски, грчки и француски јазик. Негова прва книга е „Теорија на отровот“ (збирка поезија, 1980), по што следуваат: „Еригон“ (драма, 1980), „Мацедонише цуштенде“ (драма, 1984), „Југословенска антитеза“ (драма, 1987), „Р“ (драма, 1987), „Бесовскиот Дионис“ (студија, 1989), „Драми“ (1996), „Подземна република“ (драма, 1991), „Безбог“ (драма, 1991), „Среќата е нова идеја во Европа“ (драма, 1998), „Јустинијан први“ (монодрамски спев, 2001), „Последниот ден на Мисирков“ (пиеса, 2003), „Осмото светско чудо“ (неговиот прв роман, 2005). Добитник е на следните награди: во „Студентски збор“ за дебитантска книга, награда за најдобар југословенски драмски текст на XIII МЕСС во Сараево, вонредна награда на „Стерино позорје“ – Нови Сад, за драмата „Подземна република“ изведена од Битолскиот театар, високата награда на Националниот центар за книжевност на Р. Франција за драмата „Среќата е нова идеја во Европа“, добитник е на интернационалната награда на франкофонијата „Сребрен јасмин“, во 2004 г., за целокупното негово творештво, а во 2008 г., на отворањето на првиот Фестивал на француски филм во Охрид, амбасадорот на Р. Франција во Р. Македонија Бернар Валеро, во името на претседателот на Франција, Никола Саркози, му ја врачи високата француска награда „Витез на книжевностите и уметностите“. Добитник е и на многу други награди и меѓународни книжевни признанија.

Образование

Значајни проекти