ЕКСКЛУЗИВНА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ДИГИТАЛНИТЕ МЕДИУМИ И ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ
Во организација на Институтотот за аудиовизуелни уметности на Универзитетот за аудиовизуелни уметности од Скопје, на 14, 15 и 16 јуни 2019 година, се одржа екслузивна меѓународна конференција посветена на дигиталните медиуми и високото образование, под наслов: „4Д – Дигитално општество, дигитална безбедност, дигитални медиуми, дигитална иднина“.
Главен гостин на конференцијата беше еден од најголемите експерти за дигитално општество на глобален план, Ерол Саутерс, претседател на меѓународната програма “CREATE”, од Универзитетот на Јужна Калифорнија од Лос Анѓелес. Покрај него учесници на конференцијата беа: Фабрис Далмеида од Сорбона, Париз, Диого Лусена од Универзитетот од Лисабон, како и голем број други експерти од универзитетите од Љубљана, Белград, Травник, Приштина итн. Конференцијата започна на 14 јуни, во 19:30 часот, во салата на Кинотека на Македонија, каде што во чест на гостите беше прикажан филмот „Манаки, приказна во слики“ од Роберт Јанкулоски, кој беше прогласен за најдобар документарен филм на Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз.
Вториот ден започна со прогласување за Doctor Honoris Causa на Ив Гијмо, основачот и претседател на една од најголемите светски компании за видео игри, Ubisoft, а потоа следуваа петнаесеттина излагања на станските и домашните учесници.