Меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје, односно неговиот Институт за аудиовизуелни студии и дигитална заштита
На 22 мај 2023 година во Скопје беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје, односно неговиот Институт за аудиовизуелни студии и дигитална заштита (бр. 131-58253/1).
Овој меморандум е во согласност со Националната стратегија за сајбер безбедност на Република Северна Македонија (2018–2023) и предвидува конкретни заеднички активности со цел едукација, превенција и заштита во дигиталниот простор.
Во рамките на соработката, беше договорено:
- реализација на тримесечни обуки за различни целни групи (млади, административни службеници, вработени во државна управа и јавни институции) во периодот 2023–2024 година;
- подготовка на студиска програма за дигитална безбедност, која би овозможила акредитација во иднина;
- организирање на тематски конференции, трибини, работилници и експертски средби, заедно со домашни и меѓународни експерти;
- посебни трибини и обуки за службеници од Министерствата за внатрешни работи и одбрана, под водство на признати стручњаци во областа на дигиталната безбедност.
Министерството за внатрешни работи и Универзитетот се обврзаа да ги координираат овие активности според утврден план, кој ќе биде одобрен и финансиран од Владата. Универзитетот, од своја страна, ќе ја прилагодува динамиката, содржината и форматот на курсевите во консултација со Министерството, а фокусот ќе биде ставен на превенција, лична дигитална безбедност и ризици како лажни лични карти, банкарски картички и други дигитални закани.
Со оваа соработка се очекува да се зајакнат капацитетите за дигитална заштита кај граѓаните и институциите и да се промовира свесност и одговорност во дигиталниот простор.